Државата со закон ќе ги ограничи цените на приватните болници за лекување ковид-пациенти

Една година по почетокот на пандемијата, државата одлучи да ги ограничи цените кои што ги наплаќаат приватните болници за лекување на пациентите со КОВИД.

Иако до пред  само неколку дена министерот за здравство оставаше на добрата волја на сопствениците, со образложение дека нема правен механизам, сега вели дека со измени во законот за здравствена заштита државата може и ќе интервенира во цените за лекување. 

„Го слушнавме апелот на граѓаните, сепак е криза, има потреба да се користи тој болнички капацитет и во таа смисла веќе утре на Владата ќе и поднесеме предлог измена на Законот за здравствена заштита.“ - изјави Венко Филипче.

Министерството за здравство утре ќе ги поднесе предлог измените во законот до Владата, со што цените на лекување на приватно ќе бидат ограничени се додека државата е во кризна или вонредна состојба. 

Не се знае дали ќе се ограничат и цените во приватните лаборатории каде се прават голем дел од лабораториските испитувања на пациентите со ковид и постковид кои поради неможност во државните голем број на пациенти се приморани да ги плаќаат приватно. 

Одлука на државата да интервенира во цените за лекување во приваните болници доаѓа по низата реакции во јавноста за астрономските цени кои ги наплаќаат. Пациентите кои се лекуваат таму плаќаат од 500 до 1 000 евра од ден, а дел од   политиките на болниците е и приложување на депозит кој достигнува и до 12.000 евра, поради што дел од граѓаните земаат кредити, продаваат возила и станови за да можат да се лекуваат.

Минатата недела по средбата со министерот - само приватната болница „Жан Митрев“ одлучи да ги намали цените за 10 отсто, додека од „Систина“ рекоа дека не им е исплатливо.

Во меѓувреме пак држваните болници се речиси сите преадаптирани во КОВИД центри, а постојано се ослободуваат и нови одделенија за прием на пациенти со компликации од коронавирусот.