Државата нема намера да им даде дополнителни субвенции на лозарите, пред да заврши откупот

Државата нема да предложи дополнителни субвенции за грозјето, се додека не заврши реколтата. Министерот Димковски вели дека ова го прават за да ги заштитат лозарите. Доколку министерството за земјоделство сега објави таква мерка, тогаш е можно винариите да им ја калкулираат во цената за грозјето која им ја нудат, смета тој.

Лозарите од тиквешкиот регион вчера најавија протести, барајќи, меѓу другото, и отворање на странските пазари. Тие се слободни, им одговори денеска министерот Димковски.

Дури и да се одреди минимална откупна цена на грозјето, која нема да биде пониска од производната, кое е едно од барањата на лозарите, државата нема механизам да им наложи на винариите да ја почитуваат, оти тоа се пазарни односи, вели министерот Димковски.

Во меѓувреме, лозарите се подготвуваат за утрешниот протест во кавадарци. Бараат од визбите Смедеревката да не биде под 16, а Вранецот под 18 денари по килограм. Ако тоа се случи, ја повикаа државата со интервентна мерка, да им ја компензира загубата.