Државата не ги кажува млекарите кои ги излажаа граѓаните, се плаши од тужби!

Државните институции ни ја потврдија листата на фирмите кај кои се утврдени неправилности, отстапувања меѓу декларираниот и вистинскиот состав кај одредени млечни производи е точна. Но, официјална потврда од АХВ се уште нема. Директорот Оливер Миланов, не ги откри имињата со став дека Агенцијата би се соочила со прекршочни и кривични тужби. Миланов, за Тв 24 само потврди дека редовните контроли ќе продолжат и се преземат соодветните неопходни мерки.

Додека пак, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема штетни последици кај здравјето на луѓето, туку се губи довербата кај потрошувачите.

Христијан Мицкоски-претседател на Влада на РСМ

„Ако тие тоа го правеле, тогаш кој знае што се случувало во минатото. Инаку ова се редовни контроли, редовни проверки на овој производ, но ќе продолжат и на други производи. Штетата не е само морална, туку и финансиска и репутацијата не само на производителите, туку и на компаниите е доведена во прашање.“ 

Претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар Велкова вели дека потребни се почести проверки за да се сузбијат ваквите појави, кои создаваат нелојална конкуренција меѓу производителите што чесно ги декларираат своите производи и оние што кријат важни информации од потрошувачите или намерно ги доведуваат во заблуда за да остварат поголем профит. Посочи дека не станува збор за небезбеден производ, туку за лажно декларирање. 

Нутриционистот Билјана Ристеска, за Тв 24 вели дека палмината маст сама по себе не е токсична и е дозволена во прехранбената индустрија. Но, сепак може да произлезат проблеми при честа употреба и консумација да придонесе за покачување на лош холестерол.

Билјана Ристеска-нутриционист

„Потрошувачот практично не го добива производот што го платил и што очекувал. Лицата со кардиоваскуларни заболувања, дијабетес или покачени масти во крвта-редовната конзумација на производите со заситени масти не е пожелно, затоа што ќе ја влоши здравствената состојба. Најголем проблем не е само присуството на палмина маст, туку и лажното декларирање, намалениот квалитет на производот и губењето на довербата кај производителите. Потрошувачот не може да направи правилен и информиран избор.“ 

Од земените и лабораториски анализирани 45 мостри од млеко и млечни производи, кај 10 оператори утврдено е дека во производите има помал процент на млечни масти од декларираното. За прекршителите изречени се парични казни и мерки согласно прописите.