Државата ќе треба да им исплати десетици илјади евра на адвокатите на Мијалков и на бранителите на другите обвинети за масовното прислушување во УБК
Застарен предмет повторно во фокусот на јавноста - причината трошоците кои треба да ги плати државата. Случајот „Таргет” на СЈО, за масовното прислушување во УБК, застаре пред речиси две години. Дел од медиумите пренесоа дека државата ќе треба да им исплати 85.000 евра на адвокатите на Мијалков и на бранителите на другите обвинети за масовното прислушување во УБК.
Адвокатот на екс директорот на УБК Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски во телефонски разговор за ТВ24 вели дека согласно измените на Кривичниот законик постапката е завршена а судот е обврзан по закон да ги исплати трошоците на обвинетите за ангажирање на бранителите.
„Постапката заврши на начин како што заврши согласно измените на Кривичкиот законик . Трошоците од постапката се законско решеније и треба да се испочитува. Во конкретниот случај за кој покажувате интерес предметот е застарен а судот е обврзан по закон да ги исплати трошоците на обвинетите за ангажирање на бранителите. Сумата која се споменува низ медиумите е далеку од вистината - сумите се далеку помали.“ - вели за ТВ 24, адвокатот на екс директорот на УБК Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски.
Според првичниот обвинителен акт, преку три системи за следење на комуникациите во Управата за безбедност и контраразузнавање, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби, односно директно или индиректно биле прислушувани околу 20 илјади граѓани.
Со првичната пресуда, обвинетите беа осудени на затворски казни, но Апелацискиот суд го врати случајот на повторно судење. Се судеше од почеток, а потоа следуваа измените на Кривичниот законик - измени кои практично овозможија многу предмети да пропаднат.

