Државата ќе плати еден милион евра поскап гас за јануари

Лоша проценка или долгорочна стратегија? Државата ќе плати еден милион евра повеќе за набавка на природен гас за јануари, откако пред нова година склучи договор со фиксна цена со бугарската Балкан јутилитис, а на почетокот на годинава цената на гасот на светските берзи драстично падна.

Од државните електрани се правдаат, побаравме фиксна цена на гасот, за да обезбедиме буџет и да можеме да ги пресметаме плаќањето и продажбата. Ова доаѓа откако на тендерот пред нова година, за најповолен понудувач беше избрана бугарската Балкан јутилитис, која го победи Макпетрол. Домашниот санбдувач понуди за 0,23 евра повисока цена, која не беше фиксна и која беше подложна на корекции, доколку берзантската цена се намали или пак се зголеми.

Во моментов, цената на природниот гас е на ниво од почетокот на војната во Украина, а познавачите коментираат дека ако ЕСМ ја прифател понудата на Макпетрол, во јануари ќе заштедел еден милион евра. Од друга страна, оние кои ја бранат одлуката на ЕСМ коментираат, а што ако цената пораснеше? Од државните електрани велат дека при изборот, тие се воделе од критериумите на тендерот.

„Доколку Макпетрол во месец декември имаше сознанија дека цената за јануари ќе има тенденција на спуштање, требаше истите да ги пренасочи кон понудата и да даде понуда со пониска фиксна цена, која ЕСМ Продажба ќе можеше да ја земе предвид за разгледување заедно со другите понудувачи кои доставија фиксна цена.“

Ова доаѓа само два месеци откако ЕСМ објавија дека ќе набавуваат гас на пократки временски периоди, оти се бележи пад на цените на берзите и уверуваа дека со сукцесивното набавување за последователни покуси периоди, ќе обезбедат поповолни финансиски услови. Ова наиде на критики кај дел од експертите кои бараа набавки на подолг рок, но од Владата постојано нагласуваа дека ако ги слушале ваквите експерти, државата ќе загубела пари. Сепак, на последниот тендер пред нова година, ЕСМ неочекувано ја напушти оваа пракса и побара од понудувачите фикси цени за подолг период.

Ова доведе договорот за снабдување со природен гас за јануари да направи дефицит од еден милион евра, оти цените на гасот драстично паднаа. Извори на ТВ24 блиски до енергетските власти велат дека промената на одлуката се должела на притисокот од бизнисот, кој барал предвидливи цени на природниот гас. Од ЕСМ најавија нов тендер за февруари, на кој ги повикаа сите трговци, вклучувајќи го и Макпетрол да испратат понуди со што пониска, фиксна цена.