Државата ќе му плаќа по 5000 денари дневно на Верушевски за 344 дена во притвор
Државата ќе му исплати 1,7 милиони денари отштета на Зоран Верушевски за притворот во случајот Пуч, пресече Врховен. Ова значи дека Врховен делумно го усвои барањето на поранешниот разузнавач Верушевски за надоместток на нематеријална штета за неосновано лишување од слобода и нарушен углед и чест.
Согласно пресудата на Врховен од 3 јули, државата ќе треба да му плаќа по 5000 денари за секој ден поминат во притвор . Верушевски помина вкупно 344 дена во притвор во 2015 година.
- Се задолжува тужениот Република Северна Македонија на тужителот Зоран Верушевски, на име нематеријална штета за претрпени душевни болки поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор, да му исплати паричен надоместок во износ од 1.720.000 денари, со законска казнена камата. - стои во песудата од Врховен суд.
Државата ќе треба да му ги надомести и парничните трошоци во постапката на Верушевски во износ од 227 642 денари. Врховниот суд утврдил и дека е основан ревизискиот навод за погрешна примена на материјалното право од страна на пониските судови, а со оглед на утврдената фактичка состојба од првостепениот суд, прифатена е во целост и од второстепениот суд. Во образложението, стои дека тужителот неосновано бил лишен од слобода и поради тоа е донесена ваква одлука.
- Досудениот износ на име надомест на нематеријална штета претставува сатисфакција за ублажување на душевните болки на тужителот поради повреда на личните права, чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода - притвор, истиот е справедлив и не е во спротивност на природата на правото на надоместокот, ако се има во предвид значењето на повреденото добро и целта за која служи овој надоместок. - стои во песудата од Врховен суд.
Зоран Верушевски беше спроведен во притвор во 2015 година најпрво за неовластено поседување на службен пиштол, а потоа и за велепредавство и шпионажа. Верушевски работеше како советник за национална безбедност кај поранешниот премиер Заев, а оваа функција ја врши и сега.

