Државата ја откупува зградата на ЕСМ, јавното претпријатие ќе се сели во сосема нови простории
Foto

Државата ја откупува зградата на ЕСМ, јавното претпријатие ќе се сели во сосема нови простории

Откако го вдоми министерството за политички систем во нов објект, државата продолжува да купува згради во центарот на Скопје. На последниот ден од 2020 година, Владата на сметката на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) уплатила еден милион евра аванс за купување на зградата во која сега е сместено ова акционерско друштво. 

Од ЕСМ за ТВ 24 не кажуваат зошто на ова акционерско друштво му се потребни пари од народната каса. Само велат дека е започната постапка со која Електрани ќе и' ја предаде сопственоста на зградата на Владата. 

„Во 2020 година АД ЕСМ, по задолжение од Владата, го откупи делот од зградата кој беше во сопственост на АД ЕВН за 2.3 милиони евра. Продажбата на старата зграда на ЕСМ не е на никаков начин поврзано со работењето на компанијата. Зградата е во состојба во која се потребни инвестиции како за внатрешно функционирање, така и за надворешниот дел на објектот.“ - велат од Електрани на Северна Македонија. 

Ниту од ЕСМ ниту од Владата не кажуваат колку точно чини објектот во најстрогиот центар на Скопје и велат дека останатите пари ќе бидат исплатени на денот на склучување на договорот.

„Средствата во висина од еден милион евра, што беа одобрени за АД Електрани на Северна Македонија, се предвидени за трошоци поврзани со користењето и располагањето со објектот и со работењето на ЕСМ.“ - велат од Влада на РСМ. 

А од Владата велат дека дополнително ќе се утврдува кои институции би биле сместени во објектот и не даваат одговор дали е точна информацијата дека во оваа репрезентативна зграда во централното градско подрачје ќе се сели Град Скопје.

Но, одговорот се насетува во постапките на Советот на Градот кој во октомври минатата година донесе одлука за распишување на јавен оглас преку кој ќе прибира понуди за купување деловен објект. Во условите меѓу другото е утврдено имотот да биде на просторот во Мал Ринг, токму онаму каде што се наоѓа зградата на ЕСМ. За ова се предвидени 11 милиони евра.

Претходно Градот на крајот на 2019 година ја продаде новоизградената Градска куќа под Кале за 12,7 милиони евра, затоа што, според скопскиот градоначалник Петре Шилегов, таа зграда била претесна за градската администрација и е на локација тешко достапна граѓаните. Објектот го купи ЕВН Македонија, која беше единствениот наддавач на електронската продажба. А АД Електрани си купи нова зграда во близина на старата на улица „Македонија“ која во моментов чека да добие употребна дозвола по што ова акционерско друѓтво ќе се пресели во новата зграда.

0 Коментари

Остави коментари