Дритон Кучи бил министер за економија кога во 2016та година е издадена концесијата за внуцита на Али Ахмети
Дритон Кучи бил министер за економија во 2016та година кога е издадена концесијата за експоатација на минерални суровини, на компанијата на внуците на Али Ахмети. Кучи во моментов е дипломат – односно амбасадор на Македонија во Норвешка. Телевизија 24 се обиде да стапи во контакт со екс министерот за економија, но тој не одговори на нашите повици. Ниту против Дритон Кучи но и ниту никој од неговите наследници на министерското место не се води истрага иако потписник на концесијата во својство на државата е министер, а тие имале увид дека за концесијата не се плаќало. Во 2016та според МВР министерот за економија е потписник на договорот заедно со фирмата на браќата Ахмети.
„Во период од 2016 година до 2023 година кривично пријавените постапиле спротивно на чл.75 од Закон за минерaлни суровини и чл.11 од Договор за концесија за експлоатација на локалитет во општина Зајас, склучен меѓу правното лице и Владата, претставувана од страна на тогашниот министер за економија“, информираат од МВР.
Инаку, еден од браќата Ахмети, односно Бесијан се уште е вработен во министерството за економија од каде ни ја потврдија информацијата. Тој во моментов е дипломатски претставник во македонската амбасада во Брисел Белгија. А од економија ни соопштија дека тој е повика во земјава за да биде распределен според новата систематизација и реорганизација на министерствата, односно да биде преместен во новото министерство за енергетика и минерални суровини.
Скандалот со внуците на лидерот на ДУИ Али Ахмети е уште еден од серијата на докази дека партијата мора да се реформира, реагираат од владеачката Вреди. Од коалицијата Вреди велат дека не се среќни што една политичка партија како ДУИ се поврзува со сериозни сомнежи и индиции за бројни случаи на политичко-фамилијарна корупција. Но додаваат дека враќањето на довербата во правосудниот систем не смее да се сведе на дневна политика.
„Овие поразителни околности фрлаат дамка на сите Албанци. Ваквите сомневања се уште еден аргумент плус дека ДУИ мора час поскоро да се реформира и да почне да делува како конструктивна опозиција. Наша обврска како ВРЕДИ е да не дозволиме ова заглавено во минатото раководство на ДУИ да се обидува да направи од Албанците штит за нивните корупциски скандали“, велат од Вреди.
Вчера од Јавното обвинителство ни потврдија дека кривичната пријава против внуците на лидерот на ДУИ Али Ахмети веќе е распределена кај јавен обвинител, Сега следува период во кој ќе се разгледуваат материјалите и доказите кои ги обезбедиле од Единицата за корупција и сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР. Освен за Дрин и Бесијан Ахмети кои се сомничат дека државата ја оштетиле за 27 илјади евра, кривична пријава има и за седумина службеници од министерството за економија кои според пријавата на МВР го овозможиле прекршувањето на законите.