Драмски театар гостува на фестивалот РУТА во Белград со претставата „Мојот маж“

Драмски театар-Скопје денеска ќе гостува во Белград со претставата „Мојот маж“ во рамки на фестивалот РУТА кој до 6 декември го организира Београдско драмско позориште.

Претставата е во режија на Нела Витошевиќ, по текстот на Румена Бужаровска. Драматизацијата на текстот и авторските монолози ја направија режисерката Витошевиќ и драматургот Викторија Рангелова-Петровска.

ДТС информира дека драмската структура на претставата „Мојот маж“ е изградена од два меѓусебно испреплетени материјали -, драматизацијата на шесте раскази (Супа, Празно гнездо, Прељубник, Осми март, Гени и Лиле) и документарениот материјал произлезен од авторските монолози.

Костимограф е Роза Трајчевска-Ристоска, сценограф Костантин Трпеноски, асистент сценограф Моника Ангелевска, а изборот на музика е на режисерката Витошевиќ.

Во претставата „Мојот маж“ улогите ги играат актерите: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева-Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ.