Драган Средојевиќ на виолина и Ненад Ивовиќ на пијано - вечерва на „Охридско лето“
Foto

Драган Средојевиќ на виолина и Ненад Ивовиќ на пијано - вечерва на „Охридско лето“

Триесет и петтиот ден од програмата на „Охридско лето“ е резервиран за настапот на српските уметници Драган Средојевиќ на виолина и Ненад Ивовиќ на пијано.

Драган Средојевиќ е еден од најеминентните српски виолинисти на денешницата кој постојано настапува на концертните подиуми ширум светот. Дипломец на познатиот московски конзерваториум „Чајковски“ од класите на Марине Јашвили и Едуард Грач- по завршувањето на студиите, а на покана на маестро Валери Гергиев тој станува член на оркестарот на театарот „Марински“ со кој настапува и како солист во Русија и на бројни турнеи. На само 25 годишна возраст, Средојевиќ е најмлад концерт мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар со кој настапува на турнеја низ Европа и одржува концерти пренесувани на Би-Би-Си радио.

Познат по неговиот препознатлив звук, техничка прецизност и храбра креативност, Средојевиќ гостува во концертни сали на сите континенти меѓу кои: Карнеги Хол во Њујорк, Сантори хол во Токио, театарот „Бољшој“ во Москва, Филхармонијата во Париз, центарот „Кенеди“ во Вашингтон, Миланската „Скала“, концертната сала „Волт Дизни“ во Лос Анџелес и многу други.

Покрај тоа што е лауреат на бројни национални и меѓународни натпревари, Средојевиќ е добитник на наградата „Белградски ангел“ за уметнички достигнувања доделена од страна на Министерството за култура на Р. Србија. Дел од своето време  Драган Средојевиќ го посветува на одржување мајсторски курсеви, а педагошката дејност ја остварува и како асистент на Факултетот за музичка уметност во Белград каде истовремено е запишан на докторски студии под менторство на Марија Јокановиќ.

Средојевиќ свири на редок инструмент од 18 век- виолина изработена од Ф. Лупот што му е отстапена на користење од страна на приватен колекционер.

0 Коментари

Остави коментари