Др. Ненад Лазаров од Клиничкиот центар алармира да не им се даваат пари на питачите во кругот на болницата
„Ве молам не им давајте денар, мафија се.“ Со ваков апел доктор Ненад Лазаров од клиниката за гинекологија ја алармира јавноста за, како што тврди, организирано лажно просење во кругот на клиничкиот центар во Скопје.
Според него, лица кои се претставуваат како просјаци и инвалиди се стратешки распоредени околу болниците и ги таргетираат најранливите, сиромашни и изнемоштени пациенти, кои доаѓаат по здравствена помош. Лазаров тврди дека станува збор за добро координирана мрежа што секојдневно собира значителни суми пари, кои потоа ги укрупнува по локални продавници.
„Најсиромашните што движат по клинички, скромни стуткани луѓе со секакви маки дојдени по болнициве најчесто се жртва и даваат пари на овие хоштаплери што глумат просјаци и инвалиди а не се, најверојатно и делат со нив од последните парички. Стратешки се распоредени по клинички. Ве молам денар да не им давате, цела мафија се организирана секој ден илјадници денари укрупнуваат по локални продавници дури и во црквата на клинички, заработуваат повеќе од сите нас, пред некој ден пред мои очи 7000 денари укрупни еден од нив! Со кола доаѓаат со кола си одат. Да сум власт, ова се треба на долго време да се затвори за пример.“
Со слични предупредувања со години излегува и Илија Јовановиќ од невладината „Градиме иднина“. Тој тврди дека питачењето е организиран криминал во кој, како што вели, родители и роднини ги злоупотребуваат сопствените деца, а заработката од поединец може да достигне и до 3.000 денари за осум часа, пари што завршуваат кај организаторите. Јовановиќ посочува дека со претходниот министер за здравство биле блиску до системско решение на проблемот, но додава дека одговорност имаат и агенциите за обезбедување на болниците во комплексот клиники.
Над 18 илјади деца се на улица, а само во главниот град Скопје питачат над 250 малолетници, покажачо истражување на невладината на Јовановиќ. Комитетот на Обединетите нации за правата на децата постојано бара поголема заштита на децата од сите форми на сексуална и трудова злоупотреба, од дискриминација и насилство во училиштата во Македонија. Комитетот бара да се стави крај и на малолетничките бракови, питачењето и трудовата експлоатација на децата и препорача секое дете да може да добие извод од матична книга бесплатно, а децата без државјанство да добијат документи.

