Досие Скопје: Живот во ѓубре и без јавен превоз
Автобускиот превоз во Скопје-проблем кој се уште е заглавен низ лавиринтите во градското собрание. Градоначалничката Данела Арсовска, во интервју за Тв 24 вели дека на градот му се неопходни 250 еко автобуси.
Според Арсовска, ЈСП во изминатите три години за првпат функционирало без никакви средства, вели блокирана е од страна на советниците. Бесплатниот превоз за студентите Градот Скопје, односно ЈСП го покрива самиот, тврди градоначалничката.
„Има долг од страна на централната власт, во износ од осум милиони евра, којшто не е платен. Ние не зборуваме за дополнителни средства да се дадат некому за да може домаќински да работи, ние зборуваме за исплаќање сервисирање на обврските на останатите институции кон ЈСП, за да може тој продолжи да функционира во рамките на она на коешто му е неопходно на ова претпријатие. Тоа претпријатие е тежок загубар, триесетина година наназад и сега за прв пат во овие години, успева да опстои, превработено е како претпријатие има огромни трошоци.“ - вели Арсовска.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, посочуваат дека градоначалничката треба да ги исплати парите кон приватните превозници, кои им ги должи, а според нивни информации, дел од тие средства не се целосно исплатени.
„Градоначалничката Арсовска пред Владата и пред јавноста, да достави план за состојбите за излезот од оваа ситуација, меѓутоа ставот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ е дека за овие услови кои сега ги нуди градоначалничката-не ги прифаќаме. Советот на Град Скопје не брои само 16 советници, туку 45 советници. Ние како сов.група не сме мнозинство во Градот Скопје, тоа значи дека останатите 29 можат да го изгласаат автобускиот превоз.“ - изјави Мартин Стојановски од советвничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Совет на Град Скопје.
Додека пак советничката група на СДСМ, со став дека нереализирањето на проектот на БРТ, се добива моменталната состојба на терен.
„Ние веќе трета година активно се залагаме за имплементација на проектот на БРТ, она што мнозинството го прави, не дава поддршка и на терен ја имаме ситуацијата каква што ја имаме. Сосема јасно е дека ЈСП е загубар, не од сега туку години, децении наназад. По кој основ е направен долгот, органите нека си истражат. Одговорно тврдам дека, за претходната учебна година, законските обврски коишто централната власт, Владата на РСМ, за субвенционирање на превозот на средношколците редовно ги сервисира кон Град Скопје, преку МОН.“ - изјави Љубица Јанчевска од советничката група на СДСМ во Совет на Град Скопје
За хигиената во Скопје, Арсовска тврди дека комуналното претпријатие нема проблеми, според неа проблемите произлегуваат од неносењето на одлуките кои се неопходни да се донесат од страна на Советот на Град Скопје, за да има работници коишто во континуитет ќе бидат оние кои што ќе се грижат за јавната хигиена.
На седницата на 29 август, советниците ја изгласаа програмата за дополнителни активности на ЈП Комунална хигиена, за период од 1.09-31.12.2024 година, однсосно дадоа зелено светло за ангажирање на 120 работници. Тв 24 се обиде да добие одговор од претпријатието, дали работниците се веќе ангажирани или не, но оттаму не одговорија на нашите повици.