Досие “државен јавен обвинител“
Ретко кој јавен обвинител од вкупно деветтемина досега во независна Македонија, успеал да ја избегне перцепцијата дека работи под влијание на владејачките елити. Актуелниот Љупчо Коцевски, не е исклучок.
Како и неговите претходници и тој се соочува со критики дека е наклонет кон власта што го именувала, поради што новата владејачка структура бара негово разрешување.
Во последните 25 години во земјава неколку пати се сменија партиите на власт. Во 2002 година, кога дојде СДСМ, тогашниот обвинител, Ставре Џиков, беше разрешен под обвинувања за нестручно и несовесно вршење на функцијата, а пратениците го обвинија дека работел во интерес на претходната власт. Во портфолиото на Џиков ќе остане запишано дека во периодот на воениот конфликт во 2001, ги покрена истрагите и обвиненијата за воени злосторства против ОНА и ја започна соработката со хашкиот трибунал.
Џиков го замени Александар Прчевски, кој од претседателското столче во Битолскиот суд седна во обвинителската фотеља. Но, истото што му се случи на неговиот претходник, го доживеа и Прчевски. Во 2006 година, само еден месец по преземањето на власта, владата на Никола Груевски иницираше постапка за негово разрешување. Тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваа за пропусти во работата и за политичка пристрасност кон СДСМ. Ќе остане запамтен по изјавата: „Веројатно јас сум последната будала што прифатила да биде државен јавен обвинител.“
По неговото разрешување, тогашното мнозинство го избра Љупчо Шврговски, за кој тврдеше дека има богато обвинителско искуство. Сепак, тогашната опозиција му замеруваше дека е близок со Сашо Мијалков, кој во тоа време беше на чело на тајната полиција. Подоцна, кога Мијалков седна на обвинителна клупа, токму Шврговски беше негов бранител. Љупчо Шврговски остана запаметен како единствениот државен обвинител кој го издржа целиот шестгодишен мандат без да биде предвреме разрешен.
По истекот на мандатот, Шврговски не изрази амбиции за нов, а на негово место беше именуван Марко Зврлевски, дотогашен шеф на Основното јавно обвинителство – Скопје. Зврлевски беше критикуван за неефикасност и недоволна иницијативност во отворањето на големи корупциски афери како „Скопје 2014“, „Актор“, „Македонска банка“ и „Маѓартелеком“. Не реагираше ниту на исфрлањето на пратениците и новинарите од Собранието на 24 декември 2012 година, за време на расправата за донесување на буџетот за 2013 година. Најостри критики доби за неговата улога во случајот „Пуч“, како и за начинот на кој ја водеше истрагата за 27 април.
По доаѓањето на власт во 2017, една од првите работи кои ги направи СДСМ беше разрешувањето на Зврлевски. Нов обвинител стана тивкиот Љубомир Јовески. И тој како и Шврговски истера два цели мандати. А тие му беа турбулентни - од политичките превирања околу новиот Закон за јавно обвинителство, преку аферата „Рекет“ и затворањето на СЈО, до скандалот со прислушувањето на телефонската централа во обвинителствата. Кулминација беше неговата кавга со тогашната шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска.
Откако се пензионираше, пред 14 месеци, на негово место дојде Љупчо Коцевски. По смената на власта лани, новата Влада поведе постапка за негово разрешување, обвинувајќи го дека не сторил доволно во борбата против криминалот и корупцијата, а како последен пример ја посочија спогодбата со Иџет Мемети и Наќе Георгиев, кој беа обвинтети за примање поткуп, но поради спогодбата добија мали казни. Откако се поизвесно е дека ќе биде сменет, Македонија го очекува 19-тиот државен јавен обвинител од втората светка војна до денес.