Донирани 850 000 евра - преку Црвениот крст ќе се распределуваат следната недела
Над 850 илјади евра донации собрани досега преку Црвениот крст во текот на следната недела ќе се префрлаат на банкарските сметки на семејствата на повредените и починатите од пожарот во Кочани.
Парите во првата фаза ќе бидат префрлани линеарно или по 150 илјади денари, а во другите фази исплаќањето ќе биде според утврдна методологија на која работат експерти и надлежни институции вели генералниот секретар на Црвен крст Саит Саити.
Во првата фаза ќе бидат исплатени 36 милиони денари од досега собраните 51 милион кои во наредните денови и ќе се зголемува со оглед на тоа дека интересот за донирање е голем.
Граѓаните донираат и на индивидуални сметки за семејствата на повредените. Голем дел од нив се во тешка финансиска состојба и им се потребни пари веднаш велат од платформата ,,SupportKocani" која младите волонтери Иван и Ненад ја креираа за помош на семејствата. На страницата се објавени индивидуалните сметки на повредените, со доброволна согласност од нивните родители или блиски, а приватноста на донаторите е целосно заштитена.
Трошоците за лекување на пациентите надвор од Македонија ги покриваат државите домаќини. Додека трошоците за пат, сместување и целосна логистика на семејствата на пациентите ги покрива владата рече денеска министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Од Црвениот крст апелираат до граѓаните да продолжат да донираат на сметката на солидарниот фонд или на телефонскиот број 143 400.