Донесени законите за судска, јавнообвинителска служба и за извршување санкции
Вработените во затворската полиција и администрација се незадоволни од законските измени кои вчера поминаа во Собранието, а согласно кои требаше да се постигне еднаквост во најниските примања за да се достигне износот на минималната плата.
Од независниот синдикат на затворската полиција за ТВ 24 велат се незадоволни, бидејќи им било ветено покачување од 15 отсто, а со законските измени израмнување на платите ќе има само за помладите затворски полицајци, додека за сите останати покачувањето ќе биде минимално. Од Синдикатот се закануваат и со генерален штрајк, доколку не бидат исполнети нивните барања.
- Независниот синдикат на затворска полиција и администрација поднесе предлог до Комисијата за измени и дополнувања на законот за извршување санкции за измени и дополнувања во однос на бодирањето на затворската полиција, односно барање за линеарно покачување на бодовите за сите затворски полицајци. Во наредните денови ќе поднесеме и ново барање до Управата за извршување санкции со наши предлози за подобрување на нашите права и обврски. Доколку Министерството за правда, односно управата за извршување санкции не излезе во пресрет на нашите барања, ние ќе ги искористиме сите правни лекови за остварување на нашите права со цел реализирање на нашите предлози. Доколку тоа не се случи, последна опција е генерален штрајк на цела затворска полиција во Македонија. - велат од Независниот синдикат на затворска полиција и администрација.
Според измените на законите за судска и јавнообвинителска служба , вработените во овој сектор ќе добијат покачување на платаите од 15 отсто, што според Дарко Аврамовски од Коалиција „Сите за правично судење“ треба да значи и стимулација за нивна поефикасна работа.
8 дена по објавувањето во службен весник на овие закони, тие стапуваат на сила, по што судиите, обвинителите и затворската полиција ќе добијат повисоки плати согласно законските прописи.

