Доналд Трамп ќе се сретне со Си Џинпинг во Пекинг на 14 и 15 мај
Администрацијата на американскиот претседател денеска открива детали околу претстојното патување на претседателот Доналд Трамп во Кина, каде што е предвидена средба со неговиот колега Си Џинпинг.
Претседателот Трамп ќе пристигне во Пекинг во среда навечер. Свечената церемонија на добредојде е предвидена за четврток, а во вечерните часови истиот ден ќе биде организирана државна вечера во чест на американскиот гостин.
Пред заминувањето на Трамп во петок, ќе се одржи официјален ручек. Претседателите Доналд Трамп и Си Џинпинг ќе одржат средби на 14 и 15 мај.
На дневен ред се дискусии за основање заеднички советодавен орган за трговија и инвестиции, како и за авијациската индустрија, земјоделството и енергетскиот сектор.
Според информациите од висок американски функционер, Трамп и Џинпинг најверојатно ќе разговараат и за поддршката што Кина ја дава на Иран и Русија.
Истиот извор наведува дека Вашингтон изразува загриженост и во однос на безбедноста на вештачката интелигенција, тема за која претседателите на САД и Кина би можеле да разменат мислења. Воедно, можно е да се дискутира и за продолжување на актуелниот договор за ретки метали помеѓу двете држави.

