Доминик Парис најбрз на „Супер-Џи“ во Бормио
Foto

Доминик Парис најбрз на „Супер-Џи“ во Бормио

Италијанецот Доминик Парис ја освои „Супер-Џи“ трката во Бормио, дел од Светскиот куп во алпско скијање. Миленикот на локалната публика даде време од 1:29,95 минути и беше само со 1 стотинка од секундата побрз од вториот Матијас Мајер од Австрија.

За Парис ова е четврта победа во Бормио во натпревари од Светскиот куп, со што тој стана и најуспешниот натпреварувач во трките во италијанското одморалиште. Трет на 0.46 секунди заврши Норвежанецот Александер Омод Килде, а челната шестка беше дополнета од Австријците Винсент Крихмаер и Макс Франц и од Швајцарецот Беат Фојц.

Победата на Парис е втора за него во рок од 24 часа откако вчера тој триумфираше и во спуст, каде заврши пред сонародникот Кристоф Инерхофер. Инерхофер сепак не успеа да го повтори своето силно возење денес, бидејќи не успеа да финишира.

Со успехот Парис собра 366 поени за генералниот пласман за Големиот кристален глобус и излезе на петтото место во вкупниот пласман. Пред него се Марсел Хиршер (Австрија) со 620, Макс Франц (Австрија) со 408, Килде со 392 и Аксел Лунд Свиндал со 369.

На табелата во дисциплината „Супер-Џи“ прв е Свиндал со 219 поени, следен од Швајцарецот Мауро Кавицел со 190 и Матијас Мајер со 188. Парис е осми со 170.

0 Коментари

Остави коментари