Дом за стари лица - горлив проблем за пензионерите од истокот

Трендот со иселување на младите од државата, но и миграцијата во поголемите градови ја зголемува потребата за грижа на лицата од третата доба. Проектот за изградба на Дом за стари лица во Штип тапка во место веќе десеттина години.

Изградбата на Домот кај некогашниот воен ресторан заглави бидејќи почна да се гради без потребните градежни одобренија. Во него досега се вложени околу 600.000 евра, пари на Здружението на пeнзионери од Штип. Потребата од ваков Дом, за претседателот на штипското Здружение на пензионери Ристе Нетков е болно прашање за пензионерите од регионот.

Но, не само во Центарот на истокот, Дом за стари лица нема ниту во Кочани, а со ист проблем се соочуваат и пензионерите од околните градови. Речиси цела деценија откако е готов проектот за изградба на ваков Дом во Кочани и е одредена локација, сепак работите не се помрднуваат од мртва точка. Која е причината? 

Оставени сами на себе, пензионерите од истокот на државата во 21-ви век бараат пристоен живот и можност за сместување во старечки домови, велат, разочарани се од одолговлекување, бидејќи сметаат дека ваквите Домови се повеќе од неопходни.

И во Пробиштип се очекува делот од зградата од Здравствениот дом што сега стои неискористена да се адаптира во сместувачки капацитет за 50 лица, меѓутоа и таму најверојатно ќе се чекаат некои подобри времиња. Засега единствениот Дом за стари лица кој функционира во овој дел од државата е во Берово, каде листата за чекање е долга.