Дојави за бомби во 33 основни училишта во Скопје

Триесет и три училишта од Скопје меѓу кои и основните училиште „Браќа Миладиновци“ во Аеродром, „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, „Димитар Миладинов“ и Коле Неделковски“ во Центар, „Ацо Шопов“ во Бутел, „Кузман Јосифовски Питу“ во Кисела Вода, како и гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Центар добија закани за поставени бомби.

Министерството за внатрешни работи веднаш испратило тимови за антитерористички проверки, кои утврдиле дека повторно се работи за лажни дојави.

- Денеска (07.02.2023) околу 12.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на електронска адреса на 33 основни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот. - соопштија од МВР. 

Дојави за бомби пристигнуваат од октомври минатата година, но досега МВР го нема фатено пријавувачот. И премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дојавите ги караткеризираа како хибридни напади, а неможноста секторот за компјутерски криминал да ги фати дојавувачите, ја правдаат со фактот дека сите пораки се енкриптирани и не може да се дојде до вистинската адреса од каде се испратени.

Откако е почнато второто полугодие, ова е вторпат на мејл адресите на училиштата да пристигнат закани за поставени експлозивни направи. Првите дојави беа во петокот, во осум училишта во Скопје и исто така се работеше за лажни дојави.

Денешните триесет и три дојави се меѓу најголемиот број пристигнати закани на мејл адреси на училиштата во Македонија, иако најмногу досега имаше на 15 декември, кога лажни дојави за бомби пристигнаа во 50 училишта.