Доизградбата на штипската и кичевската болница ќе чека подобри времиња

Долгонајавуваните нови болници во Штип и Кичево сепак ќе ја чекаат новата Влада. Помпезно најавените нови тендери за доизградба на новите болници од претходниот министер за здравство, Фатмир Меџити паѓаат во вода.

Засега нема ништо од најавената нова тендерска постапка за доизградба на двете болници. Планираната, потребната, но и долгоочекуваната нова болница во Штип и понатаму останува само пуста желба на 200 илјади жители.

Секој министер од 2016 та, кога започна да се гради овој објект ветуваше дека ќе ја заврши во својот мандат, меѓутоа сè уште не е целосно изградена. Дали граѓаните очекуваат нова болница наскоро? 

ТВ 24 го контактираше ресорното министерство и прашавме зошто во периодот пред распишување на изборите не беше распишан новиот тендер за доизградба на новите болници во Штип и Кичево, како што беше најавено од претходниот министер при последната посета на Клиничката Болница во Штип? Но, и што ќе биде со финансиските средства од активираните банкарски гаранции? Меѓутоа, од Министерството за здравство решија да молчат.

Инаку, колку за потсетување, штипската се гради осум години, а кичевската повеќе од три децении и сѐ уште не се довршени. Секоја година политичките претставници ветуваат дека ќе ги довршат, но граѓаните никако да добијат нови болнички објекти и како што коментираат, повеќе и не веруваат дека во нови болници некогаш и ќе можат да се лекуваат.