Доградбата на трговскиот центар во Штип и официјално стана дивоградба
Foto

Доградбата на трговскиот центар во Штип и официјално стана дивоградба

Штипскиот Трговски центар и официјално стана дивоградба. Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски стави потпис на решението со кое се поништуваат двете градежни одобренија. Тоа значи дека и надворешниот и внатрешниот дограден дел од трговскиот сега имаат статус на бесправно изградени објекти.

„Сметам дека актуелниот градоначалник на Штип немаше друга алтернатива освен да ги поништи незаконските решенија“ - вели Панче Докузов, адвокат.

Од општината велат дека постапиле согласно Законот и препораките од последното Решение од Министерството за транспорт и врски. Нема одговор дали доградените делови ќе се уриваат. Велат дека ќе се бара решение најдобро за општината. 

„Во моментот течат роковите за жалба по одлуката од страна на Општина Штип. Општината ќе ги запази роковите и ќе постапува согласно Законот за градењe“, велат во писмената изјава од општина Штип.

Правниот тим на дел од сопствениците очекува некој да понесе и кривична одговорност бидејќи штета освен сопствениците ќе трпи и општината.

„Се надевам дека органите на прогонот ќе ги реактивираат архивираните кривични пријави против поранешниот градоначалник на Штип“ - потенцира Докузов.

Борбата на дел од сопствениците на деловен простор во штипскиот Трговски центар траеше речиси четири години. Тие уште пред да почне изградбата реагираа на прекршување на Законот за градба.

Но поранешната локална власт во Штип и покрај нивните реакции и одлуките од Управниот и Вишиот управен суд не ги повлече незаконски издадените градежни одобренија. Поради лавиринтот во внатрешниот дел со години им трпеше бизнисот, а дел од дуќаните ставија и клуч на врата.

0 Коментари

Остави коментари