Договор за „фер и реципрочна“ трговија

За власта – историски успех, за дел од опозицијата – дипломатска катастрофа. Договорот за реципрочна, фер и балансирана трговија со кој за дел од македонските производи се намалува царинската стапка од околу 33% на 15%, а за америчките на 0% ги подели политичките фактори во државата.

За министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, договорот  претставува значаен исчекор кој ќе има позитивни импликации врз македонската економија и ќе донесе конкретни бенефити за домашните компании. 

Со сличен став е и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој истакна дека договорот е јасен показател за продлабочување на стратешкото партнерство со САД.

Христијан Мицкоски, претседател на Владата

„По договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг-дијалогот со Советот на Европа по 26 години, доцна синоќа Белата куќа објави заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија. Оваа изјава претставува силен сигнал за поддршката што ја уживаме од САД и го трасира патот кон сеопфатен договор со тарифи не повисоки од 15 %, а за одредени производи и 0 %“, пишува Мицкоски.

За поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, договорот претставува континуитет на билатералните односи меѓу двете земји – момент кој, според него, е од стратешко значење за државата.

„Вчерашната заедничка изјава, во која се врамуваат билатералните односи меѓу САД и Северна Македонија, претставува логичен континуитет на Стратешкиот дијалог меѓу двете земји, започнат во Вашингтон на 2 јуни 2022 година, кога ја утврдивме целокупната рамка за долгорочна соработка како взаемен стратешки интерес. По пауза од безмалку четири години, очекувам и се надевам дека вчерашната усогласена изјава ќе резултира со конкретен договор кој би претставувал основа за одржување нова сесија на Стратешкиот дијалог меѓу двете земји што поскоро. Тоа, на одреден начин, како порака го добив и на бројните средби при неодамнешната посета на Вашингтон“, пишува Османи.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, пак, упати критики. Според него, станува збор за нерамноправен аранжман на штета на државата.

„Ни вика дека склучил реципрочен договор со САД – со кој, пази молим те, ние на Американците ќе мора да им ги укинеме сите царини, а тие ќе ни остават царини од 15 %!?“, напиша Апасиев, оценувајќи дека договорот е штетен за македонските интереси.

Телевизија 24 побара став и од СДСМ, но од најголемата опозициска партија се без став во врска со договорот помеѓу Македонија и САД.