Договор со “Казанџи холдинг“: СДСМ бара итно да се раскине, ВМРО ДПМНЕ ги обвинува за лицемерие
Корупција или инвестиција – изборот на Казанџи Холдинг отвори нов политички фронт меѓу власта и опозицијата.
СДСМ се сомнева дека договорот со „Казанџи холдинг“ е коруптивен и спротивен на националните интереси. Ја обвинува владата дека соработува со контроверзен партнер – компанија, чија ќерка фирма АКСА ЕНЕРЏИ е обвинета за корупција во Гана. Прашуваат - зошто се заобиколува Законот за енергетика и нема тендерска постапка.
СДСМ - Угледниот „Фајненшл тајмс“ во 2020 година, објави дека Акса е вмешана во плаќање околу 2,5 милиони долари мито на службеници од Гана за да се добие профитабилен договор за електрана. Фајненшл тајмс се повикува на извори од истрага на американската Комисија за хартии од вредност (SEC) каде што се наведни и друго сомнителни трансфери, меѓу кои и 66.000 долари директно на пратеници во парламентот на Гана.
Обвинувањата се дефокус за јавноста, велат од ВМРО ДПМНЕ. Според нив, СДСМ за 7 години власт го уништила енергетскиот сектор, за разлика од ВМРО ДПМНЕ која велат дека гради енергетска иднина.
Порачуваат дека опозицијата сака да искреира, како што велат – хаос во јавното мислење, за компанија со која преговарале до пред една година. ОД ВМРО ДПМНЕ велат дека со инвестицијата вредна 1 милијарда евра, власта обезбедува енергетски суверенитет со долгорочно влијание.
ВМРО ДПМНЕ - Сега, откако нивните преговори не успеаја, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ почна со реализација, не им чини. Откако за седум години власт СДС го уништи енергетскиот сектор, а нивниот Васко Ковачевски е во бегство за милионски криминал во ЕСМ, сега се против стратешките инвестиции во енергетиката. Инвестицијата на Казанџи Холдинг претставува реализација на стратешки енергетски проект вреден до 1 милијарда евра, и истиот има за цел да ја зајакне енергетската независност и стабилност на државата.
Пред три дена беше потпишан Меморандум со „Казанџи Холдинг “. Премиерот Мицкоски најави дека проектот, предвидува три главни компоненти: развој на нови капацитети за производство на електрична енергија, изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас, како и мерки за зголемување на сигурноста во снабдување со гас. Според претседавачот на компанијата - проектот е веќе готов и по истражувањето направено од професионалци, може да започне со реализација.

