Договор на коалициските партнери во бугарската Влада: Сè уште нема документ прифатлив за двете страни

Состанокот на владејачката коалиција во Софија на кој се разговараше за бугарската позиција за Македонија, заврши со согласност дека за Бугарија е најважно да има широк консензус за прашањето, а потврден е ставот на целата владина коалиција дека оваа тема треба да помине низ Народното Собрание. 

По средбата пред медиумите се обрати шефицата на кабинетот на премиерот Кирил Петков, Лена Бориславова, која рече дека темата е многу важна за целото бугарско општество како и за бугарската позиција.

„Се договоривме дека за Бугарија е најважно да има широк консензус за прашањето, поради што е потврден ставот на целата владина коалиција дека оваа тема нужно треба да помине низ Народното Собрание. Дотогаш ќе оставиме дипломатите во бугарското МНР да продолжат активно да работат и да се трудат да го заштитат бугарскиот интерес. Ова нема да биде Влада која ќе го предаде националниот интерес“ - рече Лена Бориславова – кабинет на премиерот Петков.

И од коалицискиот партнер во Владата на Петков „Има таков народ“ соопштија дека секоја  од политичките партии го потврдиле ставот за Северна Македонија.

„Се обединивме во името на тоа дека една е патеката по која Бугарија треба да оди во овој поглед и се надеваме на позитивни акции и на дипломатите и на република Северна Македонија“ - рече Станислав Балабанов – „Има таков народ“.

Инаку, се уште нема документ прифатлив за двете страни што ќе биде основа за кревање на ветото од страна на Бугарија. И додека евроамбасадорот во земјава изразува високи надежи дека конечно ќе почнат преговорите и тоа уште во текот на француското претседателство со ЕУ, дел од домашните политичари сметаат дека ветото ќе остане уште долго време. 

И од Владата велат дека почетокот на преговорите со ЕУ не зависи од Владата, туку од решавањето на отворениот спор со Бугарија и одлуката на 27-те членки на ЕУ.