Догодина ќе почне да се гради парк со 55 ветерници кај Радовиш и Штип

55 нови ветерници ќе бидат дел од новиот ветерен парк, кој во втората половина од идната година ќе почне да го гради Алказар Енерџи. На вториот ден од новата Влада, премиерот Мицкоски и ресорните министри ја претстави најавуваната голема странска инвестиција во енергетскиот сектор.

Новиот ветерен парк, кој ќе биде најголем во Западен Балкан, ќе биде со капацитет од 400 мегават часови, што е повеќе од половина од производството на најголемиот капацитет во земјава РЕК Битола или 20 проценти од потребите на земјава. Предноста е што ветерниците ќе произведуваат еколошки чиста електрична енергија, од која ќе можат да се снабдат 100 илјади семејства, вели министерката за енергетика Сања Божиновска.

Паркот ќе се гради помеѓу Карбинци, Штип и Радовиш. Во него ќе се вложат преку 500 милиони долари, а ќе вработи и 530 луѓе, вели првиот човек на Алказар Енерџи Даниел Калдерон. Тој не откри детали за тоа какви поволности добиле од Владата, ниту за тоа како и за колку пари ќе се обезбеди земјиштето за градба.

Алказар Енерџи е претставен како водечки инвеститор во обновливи извори на енергија во пазари во развој. Во своето портфолио имаат пет соларни фотоволтаични централи и два ветерни парка во Јордан и Египет. Сепак, ниту една ед нив не надминува капацицтет од 80 мегават часови, па излегува дека со 400 мегавати, македонскиот проект ќе биде пет пати поголем од нивниот најголем постоечки ветерен парк.

Според премиерот Мицкоски, оваа централа, која треба да проработи во 2027 година, ќе придонесе од увозно зависна, Македонија да стане енергетски независна земја и извозник на струја.