Додека се чекаше заштита, багерите ја срамнија автентичната куќа во центарот на Охрид
И официјално замина во историјата автентичната куќа на ул.Димитар Влахов во Охрид во непосредна близина на општинската зграда. Багерите на инвеститорите го срушија до половина објектот за наводно тука да се изгради уште една зграда во централното градско подрачје.Граѓаните со жалење велат дека ова е голема штета за градот Охрид и охриѓани.
Прашањето кое во меѓувреме гласно се поставува е зошто досега ниедна власт и институција како на локално така и на централно ниво не ја заштитила куќата како културно наследство оти ако имаше таков статус немаше да биде срушена.Во саботата барање за итна привремена заштита доставија активистите на Охрид СОС.
,,Во барањето наведовме дека станува збор за исклучително вреден примерок од т.н. еклектична градска архитектура од периодот меѓу двете светски војни (поточно од 1927 година), со уникатни архитектонски обликовни и декоративни елементи, какви што се сочувани во мал број не само во Охрид, туку и пошироко во Македонија. Имајќи го предвид сето понапред наведено, побаравме, согласно нивните ингеренции, ВЕДНАШ ДА ГО СОПРАТ ПОНАТАМОШНОТО ОШТЕТУВАЊЕ НА ОБЈЕКТОТ и инсистираме веднаш да донесат Решение за негова привремена заштита согласно член 39 од Законот за заштита на културното наследство (Сл. Весник на Р. М. бр. 20/04), по што истиот би подложел на постапка на валоризација и ставање во функција во согласност со неговата природа и вредности како добро од јавен интерес.
- велат од Охрид СОС.
Од Завод и Музеј Охрид за тв 24 информираат дека тој објект било планирано да се обележи како објект кој поседува одредени споменични својства со кој заслужува да биде ставен под заштита но за уривањето дознале од медиумите.
,, Нашиот став е дека објектот поседува архитектонски вредности на јужната фасада и дека не поседува други вредности ни во ентериерот ни во екстериерот со оглед на тоа дека истиот е повеќе пати доградуван и менувани се елементи од фасада со несоодветни интервенции за кои измени нашата установа не поседува документација.
До нашата установа досега нема доставено барање од страна на инвеститорот за мислење за усогласеност на новопредвидената градба со Планот за управување со Охридскиот регион и не сме запознаени со намерата за уривање на објектот ниту знаеме како ќе изгледа предметната нова градба и за истото дознаваме од медиумите и сето тоа со задоцнета реакција.
Барањето за итна заштита стигна пред продолжен викенд, а објектот беше срушен во неработен ден пред да реагираме. Наместо рушење, старата фасада можеше и требаше да се инкорпорира во новата градба, по примерот на европските градови." - велат од Завод и музеј Охрид.
Од Општина Охрид пак се децидни дека од нивна страна е постапено согласно сите законски процедури и важечките прописи.
На барање на сопственикот на куќата, Општината има издадено одобрение за градење во согласност со важечкиот Детален урбанистички план, донесен во 2008 година, како и во согласност со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Во постапката биле обезбедени сите потребни согласности и одобренија од надлежните институции и сите активности се реализираат во рамки на важечката законска регулатива - стои во дописот од Општината.

