Додека горат пожари делови од Скопје останаа без вода - жителите на Водно се жалат дека со денови се без вода на плус 40 степени

„Елитата без вода-Водно жедно неколку дена“ - иронично испраќаат апел дека живеат во елитна населба само по цената на метар квадратен, а основните услови за живот стануваат луксуз. 

Во време кога во Скопје се високи температурите, жителите на Водно велат дека и покрај тоа што редовно ги плаќаат сметките, веќе неколку дена немаат вода. Велат дека не бараат специјален третман, туку третман каков што му следува на секој граѓанин на овој град.

„Од неделата до денеска вода имаме само во ноќните часови, а во текот на денот воопшто нема вода, а станува збор за жители каде има и постари луѓе, бебиња и не заслужуваат на 40степени да немаат капка вода. Неземајќи в предвид и хигиенскиот режим кој се запоставува и машините за алишта и садови кои се запушени.“ - Смиљана Туџарова Ѓогова-станар.

„Од проблемот од притисокот што немаме вода, веќе имаме дефект и ни се расипаа пумпите и влечат премногу камења. Имаме штета што надминува околу 70/80 000 денари. Тоа треба да го сервисираме и да замолам да имаме вода како што треба нормално, а не само во ноќните часови и пак притисокот е намален со под 50% капацитет.“ - Александар Алексовски станар.

Од општина Центар бараат реакција и трајно решение од ЈП Водовод. Градоначалникот Герасимовски, синоќа и утринава заедно со општинските служби и ПОЦ беа на лице место.

„Општина Центар најостро реагира и бара од ЈП Водовод и канализација веднаш да го реши проблемот со водоснабдувањето на Водно и да обезбеди нормално и континуирано снабдување со вода, бидејќи ваквата состојба е апсолутно неприфатлива. Одговорноста е кај комуналното претпријатие.“ - Општина Центар.

Деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски за ТВ 24 вели дека алчноста за пари на поединци поттикнала автоимуна болест за сите. Апелира дека потребна е итна реакција.  

„Неконтролираната урбанизација на Скопје, почнува да го возвраќа ударот. Свесни сме дека полека откажува инфраструктурата на градот која не е предвидена и оспособена да може да опслуижи толкав број на жители. Становите стануваат се поскапи, а основните услови за нормално живеење во 21 век се полоши. Дозволивме алчноста за пари на поединци да се претвори во автоимуна болест за сите не само за тие што живееме во Скопје, туку и за другите градови во Македонија.“ - Горан Марковски декан на Градежен факултет при УКИМ.

Побаравме став и од ЈП Водовод и канализација, оттаму не добивме одговор, но на нивната страна објавија апел до сите граѓани на Град Скопје за рационални и совесна употреба на водата за пиење и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, полнење базени. Псочуваат дека продолжува енормното зголемување и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво.