Добредојдовте во НАТО“: Парламентот на Турција го ратификуваше членството на Финска
Турскиот парламент во Анкара го одобри нацрт-законот со кој на Финска и се дозволува влез во НАТО. Турскиот парламент е последниот меѓу 30-те членки на алијансата што го ратификуваше членството на Финска.
Претседателот, Реџеп Тајип Ердоган, на почетокот на март рече дека Финска го добила благословот на Турција откако тие презеле конкретни чекори за сузбивање на групите што Анкара ги смета за терористички.
Финската влада го поздрави одобрувањето на членството од страна на Турција и порача дека пристапувањето во овој сојуз ќе ја зајакне безбедноста на земјата и ќе ја подобри стабилноста во регионот.
- Како сојузници ќе даваме и ќе добиваме сигурност. Ќе се браниме едни со други. Финска стои со Шведска сега и во иднина, и ќе го поддржува нејзиниот влез. - изјави премиерка на Финска, Сана Марин.
На Твитер и финскиот претседател се заблагодари и напиша дека Финска е подготвена да биде земја членка на НАТО и со нетпение чека што побрзо да и посакаат добредојде и на Шведска.
Гласањето во Турција го поздрави и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој на твитер напиша дека сега НАТО со новата земја членка ќе биде уште посилно.
Во мај 2022 година, Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО, но нивната апликација за влез беше веднаш отфрлена од Анкара, која побара од нордиските земји да ги прогласат курдските организации за терористички, да екстрадираат во Турција лица обвинети за терористички активности или помагање и поддршка на обидот за државен удар во 2016 година, заедно со укинувањето на ембаргото за оружје за Турција.
Анкара подоцна го ревидираше својот став за Хелсинки, посочувајќи дека генерално ги почитувала условите од меморандумот за антитероризам потпишан со Финска и Шведска. Турција сè уште има сериозни поплаки против Шведска и наведува дека земјата се уште не е подготвена да влезе во НАТО.