До крајот на месецов се очекува да биде изгласан законот за сузбивање на нефер трговски практики

Речиси цел месец Предлог законот за нефер трговски практики е заглавен во собрание. Владата ова предлог законско решение со кое ветува дека ќе се стави ред во трговијата го испрати во законодавниот дом пред Нова година, но засега предлогот не е ставен на дневен ред пред пратениците.

Властите уверуваа дека законот за нефер трговски практики ќе биде донесен до крајот на 2023 година, па потоа рокот беше пролонгиран за крајот на овој месец, но и покрај европското знаменце кое стои позади овој предлог, законот не е на приоритетната листа на пратениците. А до крајот на овој месец на сила е владината мерка за „Гарантирени цени“ на дел од прехранбените производи во маркетите. Дали таа повторно ќе биде продолжена, засега никјој не открива.

„Мерката „гарантирани цени“ не зависи само од донесувањето на законот за нефер трговски практики, туку и од движењето на цените на пазарот.“ - велат од Влада.

Што се однесува до бизнис заедницата, тие се на став дека што поскоро треба да биде донесен законот за нефер трговски практики. Само на тој начин ќе се исправат неколку неправди во целиот ланец на трговија. Дополнително, бизнисот бара од владата да се донесе и мерки за ограничени цени на суровините а не само на финалните производи кои ги купуваат граѓаните.

„Нето профитабилноста на сите производители изнесува два, три или четири проценти по завршна сметка, и тоа е така е во последните неколку години. Но за да ги пласираат производите, зборувам и за земјоделците и за произведувачите на прехранбените производи, во маркетите им бараат 25, 30 или 35 проценти од вкупната сума на приходот. Сметаме дека тоа е огромна неправда и не само што е неправда ги носи произведувачите во рамките на опстојување, преживување, а додека трговците го зимаат кајмакот.“ - вели Горан Георгиевски потпретседател на ССК.

Законското решение предвидува и високи парични казни за непочитувачите на правилата, а тие изнесуваат до 20 илјади евра. Што се однесува до најголемиот дел од граѓаните, тие се уште се жалат дека куповната моќ никако да им се подобри и покрај статистичкиот раст на платите, и намалувањето на нивото на инфлацијата.