До крајот на месецов договор со САД за царините

Премиерот Мицкоски призна - ако САД и ЕУ не успеат да се усогласат околу царинските тарифи, тоа ќе влијае и на нас.

Сепак, тој рече дека е сигурен оти со јасна и концизна политика, Владата ќе успее да го одржи макроекономскиот баланс и стабилност и граѓаните тоа нема да го почувствуваат. Мицкоски откри дека земјава се уште е во процес на преговори со САД околу царините и изрази оптимизам дека работите се движат во правилна насока. Во текот на оваа недела очекувам да имаме генерално развој на настаните во позитивна насока и фокусирани сме до крајот на овој месец да постигнеме договор што ќе значи повеќе за македонската економија и македонските граѓани, вели Мицкоски.

Царинските власти во земјава денеска се пофалија со како што рекоа историски резултати“ во работењето на царината. Првиот човек на оваа управа Бобан Николовски вели дека во овој период биле спречени двојно повеќе прекршочни и кривични дела во споредба со претходниот дванесетмесечен период.

Царината лани наплатила приходи од над две милијарди евра, што е за 105 милиони евра повеќе од претходно. Така, приходите од царина пораснале за 15,2 проценти, од акцизата за 7,1 процент, а приходите од данокот на моторни возила за 17 проценти.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, под чија капа работи Царинската управа, овие бројки ги нарече импресивни, а работењето - јасен доказ за посветеното, професионално и транспарентно работење на оваа институција.