До кога парафискалните давачки ќе ја гушат конкурентноста на економијата?
Дури 377 двојни давачки, кои се незаконски или нефискални постојат низ државните и локалните институции, а кои граѓаните и компаниите ги плаќаат.
За да се избегне двојното плаќање, потребна е дигитализација, која подразбира размена на информации меѓу институциите и општините, вели Благица Петрески од Фајнанс тинк, организација која подолго време работи на оваа проблематика. Ако овие услуги се централизираат, ќе се избегне ситуација во која за иста услуга, една општина наплаќа повеќе од друга.
Таа вели дека нивното истражување покажало оти 54 отсто од компаниите ја идентификувале фирмарината како парафискална давачка, а релативно висок товар била и давачката за комунална такса за користење улици, која се плаќа при регистрација на возило, но и дозволи и лиценци за вршење на дејноста. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека неговиот ресор ги детектирал сите нефискални давачки, кои се голем проблем, не толку поради нивната цена, туку поради времето потребно да се изврши некоја услуга.
Постојат двојни аршини меѓу граѓаните кога се давачките во прашање, вели министерoт за финансии Фатмир Бесими. Кога на некого му се прави експропријација на имот, тогаш цената што ја добива како надомест му е мала, но кога истиот треба да плати данок на имот, тогаш се жали дека давачката е голема.
Сепак, Бесими вели дека го поддржува процесот на оптимизација на парафискалните давачки, кој е веќе започнат во министерството за економија.