До 31 август продолжено привременото ограничување на поврзувањата на Грција со Северна Македонија
Foto

До 31 август продолжено привременото ограничување на поврзувањата на Грција со Северна Македонија

Министерската одлука за привремено ограничување на поврзувањата на Грција со Северна Македонија, Турција и Албанија, од 31 јули 2020 година, што е во сила до денеска, продолжена е до крајот на август, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Службен весник на Грција, веќе е објавена конкретната одлука, односно продолжувањето на претходната и е во сила заклучно со 31 август 2020 година.

Одлуката се однесува на воздушните, копнените, железничките и морските поврзувања на Грција со Северна Македонија, Турција и Албанија.

Согласно новата одлука за границите и согласно министерската одлука што денеска стапува во сила, а предвидува забраната за влез во Грција за државјани на трети земји, македонските државјани до крајот на месецов нема да можат да патуваат во Грција.

Како што веќе објави МИА во средата, забраната за влез во Грција за државјани на трети земји е продолжена до 31 август 2020 година, согласно заедничката одлука на министрите за цивилна заштита, за здравство и за внатрешни работи, објавена во Службен весник на Грција.

Забраната не важи за земјите членки на Европската унија и Шенген зоната, како и за државјаните на Австралија, Грузија, Канада, Јапонија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис, Уругвај и Обединетите Арапски Емирати.

Исто така исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.

0 Коментари

Остави коментари