ДКСК за ТВ 24: Две пријави за користење на службени возила за партиски цели, 37 пријави за сомневања за прекршувања
Пријави со наоди за прекршувања во ек на изборен процес. До Антикорупциска веќе се нотирани 37 пријави за сомнеж за прекшување на законот. Недела, втори ноември е Денот Д за финалниот натпревар за локалните избори и додека кандидатите, на свој начин се борат за поддршка од народот, од Антикорупциска за Тв 24 велат дека регистрирани се две пријави за користење на службени возила.
ДКСК: „До ДКСК од денот на распишувањето на локалните избори 2025 година доставени се две пријави со наводи за користење на државни ресурси за време на изборен процес. Конкретно, двете пријави се со наводи за користење на службени возила за потребите на изборната кампања. Постапувањето по двете пријави е во тек.“
До Државната комисија за спречување на корупцијата се поднесени и пријави за сомнеж за вработувања/распоредувања во јавен сектор.
ДКСК: „До ДКСК, доставени се вкупно 37 пријави за сомневања за незаконитости и прекршувања на законските забрани во изборниот процес, од кои најголемиот дел, односно 19, се однесуваат за вработувања/распоредувања во јавниот сектор во време на изборниот процес.“
Претходно, во август годинава, Антикорупциска излезе со известување за сите државни институции, политичките партии, учесниците во изборниот процес и јавноста за законитоста на користењето и располагањето со буџетските средства, повикувајќи се на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик.
ДКСК: „ДКСК ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик, ДКСК, ќе ги смета за одговорност на одговорните лица на државните органи и други субјекти, ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување.“
Се наведува забрана за нови инвестиции и вонредни исплати, стои дека не може да се извршуваат исплаќања на плати и други исплати од буџетски средства, не може да се започне и постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, како и тоа дека не смее да се врши поткуп при избори и гласање. Досега, без исклучок, во ек на избори се нотираат прекршоци, а најчестите се поврзани за користење службени возила и вработувања.

