ДКСК со повеќе изборни пријави до ЈО
Директорка на средно училиште агитирала во електронска група со своите вработени, споделувајќи содржина и плакат од политичка партија, со повик за поддршка на кандидат на избори.
Таа е пријавена во Антикорупциската комисија, која пак ќе ја пријави до надлежно Јавното обвинителство. Анонимниот пријавител ја обвинува директорката дека освен политичка агитација, вршела и мобинг врз своите колеги, кои и биле политички неистомисленици.
Ова е еден од неколкуте случаи на прекршување на изборните правила, за кои денеска расправаше Државната комисија за спречување на корупцијата. Дел од нив се основани, а дел ги отфрли. Во друг случај, пријавен е избор на професор за проректор на универзитет, за кој Комисијата утврдила дека нема прекршување на закон, бидејќи избраното лице веќе било во работен однос.
Слично, и одлуката за вработување во едно средно училиште била донесена во рамките на дозволениот период. Антикорупциска ја разгледувала и пријавата за наводна изјава на кандидат за градоначалник кој ветувал готовински средства за ранливи категории и пензионери. Според Комисијата, се работи за дел од изборната програма, а не за директно прекршување на изборниот процес. На денешната седница Антикорупциска побара измени во Изборниот законик, за попрецизно дефинирање кој е учесник во изборната кампања и за еднаков пристап до платено политичко рекламирање.
Антикорупциска препорачува усогласување на сите членови што го регулираат платеното политичко рекламирање и користење појасен, еднозначен јазик, за да се избегнат злоупотреби и нерамноправен третман на политичките субјекти. Комисијата ги усвои и Проценката на ризици од корупција и Методологијата за изработка на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2026–2030 година.

