Дизелот се приближува до 100 денари, експертите предупредуваат на нов ценовен шок

Само половина денар го дели дизелот од трицифрена цена со што во моментов е најскап во последните три и пол години.Историски највисоката цена беше регистрирана пред четири години, кога литар достигна 111 денари. Експертите предупредуваат дека секој денар плус кај дизелот постепено се прелева врз конечните цени на храната, превозот и општите животни трошоци, што дополнително го притиска стандардот на граѓаните бидејќи тој е главниот енергенс за товарниот транспорт, јавниот превоз, градежните машини и земјоделството.

Она што дополнително загрижува е споредбата со регионот и Европа. Според анализите за периодот од крајот на февруари до крајот на јули годинава, Македонија убедливо се наоѓа на врвот на листата по пораст на цената на дизелот со скок од дури 42,8 проценти (од 69,00 на 98,50 денари).За споредба, во истиот период во соседството и регионот покачувањата се двојно помали:

​Во Косово дизелот поскапел за 21,3%,

​Во Албанија за 20,3%,

​Во Црна Гора за 19,7%,

​Во Грција за 18,7%,

​Во Србија порастот изнесува 15%.

Во големите европски економии како Германија, Франција и Швајцарија, скокот на цената на дизелот во истиот период се движел помеѓу 10 и 12 проценти, што го прави македонскиот процентуален раст најголем меѓу сите анализирани земји.

Со најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, цената на дизелот се искачи на 99,50 денари за литар, додека бензините поевтинија за два денари ЕУРОСУПЕР 95 се продава за 91 денар, а ЕУРОСУПЕР 98 за 93 денари.Поради новите ценовни притисоци, Владата за оваа недела најави нова анализа на цените, по што ќе носат одлука за евентуално воведување на мерки.