Дисциплинска за двајца обвинители

Доставен предлог за поведување дисциплинска постапка против шефот на Вишото ЈО Скопје Мустафа Хајрулахи и уште еден јавен обвинител. Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, одлучил да поведе постапка поради нестручно и несовесно работење во четири предмети во кои се откажал од жалба или обвинение.

Предлог за поведување дисциплинска постапка е поднесен и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети, како и поради констатираните неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје.

Вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, веднаш по одлуката за негова суспензија, обвини дека кривичната пријава против него поднесена од страна на Републичкиот јавен обвинител, треба да го замолчи но и да го заплаши него но и другите колеги кои што постапуваат согласно законот, а се со цел, да се донесат нарачани одлуки.

Според Хајрулахи, надзорот над работата на Вишото јавно обвинителство, се случил откако тој на 19 септември бил повикан од Републичкиот јавен обвинител, кај него во канцеларија и му било кажано дека по однос на предметот со бонусите на СЈО треба да донесе одлука со која што ќе се потврди првостепеното решение од ОЈО ГОКК.