Директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци Горан Трајковски поднесе оставка
Foto

Директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци Горан Трајковски поднесе оставка

На година и половина пред истекот на мандатот директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци, Горан Трајковски си поднесе оставка. Трајковски тврди дека неговото заминување нема врска со најавената метла и дека не стравувал од тоа зашто неговата работа во Агенецијата била позитивно оценета од страна на Владата. Најавата е дека тој заминува на директорска позиција во Еуростандард банка.

„Јас ќе одам во банкарскиот сектор, но во оваа фаза е се уште рано да кажам дали ќе бидам директор. Сепак за тоа треба мислење претходно да даде гувернерката и акционерите на банката.“

Гувернерката за ТВ 24 вели дека за раководна функција Трајковски треба да ги исполнува условите предвидени со Законот за банки и да поднесе документација за да може Народната банка да даде оценка за него. Кога Трајковски ќе излезе од Агенцијата и ќе влезе во банкарскиот сектор најпрво ќе одлучува Собранието, каде во петокот тој ја доставил оставката.

Горан Трајковски беше директор на УЈП од 2006 година, откако ВМРО ДПМНЕ дојде на власт, се до почетокот на 2016 година, кога беше назначен за директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Неговото име беше дел од повеќе „бомби“. Во телефонските разговори што Трајковски ги водеше со некои од тогашните функционери од владата можеше да се слушне како се нарачуваат селективни контроли на фирми што не се блиски до тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ, како се изрекуваат казни за фирми пред изборни кампањи.

Специјалното јавно обвинителство до сега нема покренато обвинение против Трајковски. Тој одигра и клучна улога во затворањето на А1 телевизија.

0 Коментари

Остави коментари