Директорката на Радиологија, д-р Николова: Повеќето од пушачите знаат за штетноста и за можноста да добијат рак - но не планираат да се откажат

Најдобрата превенција кога се во прашање малигните заболувања е комбинација од здрав начин на живеење и рано откривање. Тоа значи непушење, одржување здрава телесна тежина, физичка активност, умерена и здрава исхрана, ограничување на алкохолот, како и редовни превентивни и скрининг-прегледи, кога се индицирани. Европскиот кодекс против карцином јасно нагласува дека непушењето е меѓу најважните поединечни мерки за превенција на рак, а откажувањето носи корист на секоја возраст - изјави за МИА доц. д-р Соња Николова, директор на ЈЗУ Универзитетски институт за радиологија.

Таа смета дека доколку се спроведува доследно, од новонајавениот закон против пушење ефектот може да биде значаен.

- Новиот предлог-закон во Македонија е поставен пошироко од досегашната практика и предвидува регулирање не само на класичните цигари туку и на електронските цигари и другите никотински производи. Тоа е важно затоа што јавното здравје не смее да се штити селективно. Главните придобивки би биле подобра заштита на непушачите, намалена изложеност на пасивно пушење, појасни правила во јавниот простор и посилна порака до младите дека никотинската зависност не е безопасна навика - нагласи Николова.