Директорката на „Групер” Нина Ангеловска, ќе биде министер за финансии
Владејачката партија СДСМ постигнала договор за нов министер за финансии да биде Нина Ангеловска, ко-основач и извршен директор на платформата „Групер“. Овој предлог се очекував да биде потврден и на Централниот одбор на партијата вечерва.
Ангеловска ја прифатила понудата на премиерот Заев да раководи со ресорот финансии во Владата, а блиски лица до премиерот велат дека тој лично ги водел преговорите со потенцијалните кандидати. Заев инсистирал на министерското столче во финансии да седне исклучиво жена, зашто според него, тие подомаќински се однесувале со парите. Високи партиски фунакционери потврдуваат дека Ангеловска, покрај министерското место, ќе добие и потпретседателска функција во СДСМ.
Ангеловска ќе биде предложена за министер за финансии по укажувањето од Антикорупциската комисија дека премиерот Заев не може да биде и претседател на Влада и министер за финансии. Тој во јуни го смени тогашниот министер Драган Тевдовски без да даде прецизно образложение за таа негова одлука.
Ангеловска е доктор на науки по менаџмент, а во 2010 г. дипломирала на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје како студент на генерација. Таа лани влезе на листата на „Форбс“ меѓу триесетте најуспешни во Европа во продажба, а се помлади од 30 години.
ТВ 24 се обиде да стапи во контакт со Ангеловска, но таа не одговори на нашите телефонски повици ниту на прашањата по смс, дали има искуство да управува со јавните финансии и дали се чувствува подготвена да го креира државниот буџет.
Во иградата за министер за финансии беа спомнати и Татјана Штерјова од Стопанската комора и гувернерката Анита Ангеловска Бежоска. Но и двете ги отфлија ваквите тврдења. Штерјова само кусо одговори дека таа не е во игра, а гувернерката кажа дека тие информации не се точни.
„Во врска со споменувањето на моето име во медиумските објави поврзани со функцијата министер за финансии, Ве известувам дека информациите не се точни. Како гувернерка на Народната банка, секојдневно, во целост сум посветена на професионалните предизвици во централнобанкарската сфера.“
Во Министерството за финансии веќе се прават подготовки за реабалансот на буџетот, кој според заменичката министерка Ширет Елези ќе биде готов до крајот на септември или почетокот на октомври. Буџетот годинава е проектиран на 3,7 милијарди евра и е најголем до сега.