Дипломатски скандал - Миленкоски бара да му се суди во Македонија
Миле Миленкоски, уапсениот македонски дипломат кој е во екстрадиционен притвор во Врање, Србија, тврди дека е невин и бара да му се суди во Макдонија. Тој вели дека во доставените докази од Ерменија „нема ништо што би укажувало на вина, тој се надева дека Македонија е правна држава, поради што верува оти надлежните во земјава ќе покренат брза постапка за негова екстрадиција, ова го пишал Миленкоски во писмо до „Слободен печат“.
„Копија од доказите е доставена до надлежните институции во Македонија, која верувам дека е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на Македонија. Притоа, Македонија би побарала од Република Србија да бидам префрлен во Македонија. На овој начин правдата би била задоволена и случајот комплетно разрешен, што е моја најголема желба во моментов“ - стои во писмото.
Во писмото Миленкоски изразува жалење што со овој настан е нарушен и угледот на владата и Министерството за надворешни работи.
Според информациите, адвокатот на Миленкоски до државното обвинителство го испратил барањето за преземање на кривично гонење по службена должност.
„Жалам што поради тоа што покрај мојот углед, со овој настан беше нарушен и угледот на МНР и на Владата на Македонија. За ништо на светот не би наштетил на мојата чест и углед, на семејството, на Министерството кое ми даде се во животот, ниту на Владата. Бидете уверени дека ни во овој случај нема никаква вина кај мене, ниту прекршок, ни кривично дело, што е случај во целиот мој живот и кариера. Секако, тоа ќе го покаже и истрагата“ се вели во писмото на Миленкоски.
Од Министерството за правда за ТВ24 велат дека за министерството да реагира мора најпрво формално да има формално барање од Обвинителството или од суд.
До секторот за Меѓународна правна помош при Министерството за правда до овој момент нема пристигнато барање од надлежен суд или обвинителство за екстрадиција за лицето за кое прашувате.
Извори од правда велат дека постојат неколку можности, бидејки се работи за македонски дипломат кој што имал во одреден период и пристап до класифицирани информации, бидејки поседувал и сертификат за безбедност. Обвинителството да отвори истрага за неговото делување, судот да му одреди притвор во отсуство или пак после извршна пресуда.
Инаку на 27. август Миленкоски беше уапсен на границата меѓу Србија и Македонија по потерница на Интерпол која била издадена на 15. февруари 2020 година, а по барање на Ерменија.
Миленкоски е осомничен дека пред три години организирал патување во главниот град на Ерменија, Ереван, заедно со уште двајца македонски дипломати, со цел да се евакуира лице, кое во Ерменија било осомничено за злоупотреба на неколку милиони евра. Миленкоски тогаш ја вршел и функцијата виш советник во Одделот за граници и пасоши при Министерството за надворешни работи со дипломатски ранг министер советник. Како дипломат, тој служел во Бугарија, САД и Австрија.