Дипломатски синдикат: Некоректно е одењето на Ејупи во Бон
Осуда и остра реакција од македонскиот дипломатски синдикат за одлуката на министерот за надворешни работи во заминување да ја испрати поранешната ТВ-презентерка Бесмира Ејупи, но и уште десетина други лица на испомош во дипломатско конзуларните претставништва.
Во најмала рака симтпоматично, но и некоректна е одлуката на министерот, велат од синдикатот. Не само што стручноста на дел од тие што се испраќаат е под знак прашалник туку синдикатот се сомнева и дека има толкава неодложна потреба за 15 лица во една недела да се праќаат во дипломатско конзуларните претставништва.
„Очигледно е дека намерата е да се оди со некој вака заобиколен пат да се испраќаат дипломати заради некои други заслуги очигледно не е заради тоа дека во моментов има таква неодложна потреба во тие конзуларни претставништва бидејќи доколку се земе фактот дека годишно два до три дипломати може да се случи да одат на испомош заради реална можниост сега одеднав во една недела дека треба да одат 15 за нас е симптоматично во најмала рака и некоректно особено заради периодот во кој се наоѓаме, така што ние како синдикат ги осудуваме тие постапки иако секако ќе биде тоа под некоја закрила дека во моментот има потреба и зголемен обем на работа но сепак во една недела да се пратат 15 на испомош сметаме дека е некоректно и ние го осудуваме.“ - вели Веле Трпевски претседател на Македонскиот дипломатски синдикат.
Бујар Османи и пред две години се обиде да ја назначи Ејупи за конзул во Њујорк, но по низата реакции тогаш за нејзината професионална позадина и стручни квалификации, одлуката ја повлече. Образложението на МНР зошто се испраќаат 15 лица на испомош токму сега е поради тоа што летниот период имало повеќе работа.
- Во текот на летните месеци во конзуларните претставништва каде има зголемен обем на работа поради тоа што нашата дијаспора патува дома се праќаат вработени од МНР на неколку месеци испомош за да се олесни издавањето на документи на шалтерите на конзуларните претставништва. - велат од МНР.
Инаку сето ова следи откако Османи пред само десеттина дена, распишал конкурс и за испраќање на 15 дипломати во македонските конзуларни и дипломатски претставништва. Од МНР се правдаа дека станувало збор за редовни административни циклуси, иако за конкурсот остри реакции и осуди пристгинаа од поранешни дипломати, министри за надворешни работи, како и од македонскиот дипломатски синдикат. Веќе стигна најава дека овие назначувања ќе бидат преиспитани од новата влада.