Димитров за ТВ 24: И јануари е опција за датум за почеток на преговорите со ЕУ
Фокусот е декември, но и јануари е опција за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Како што се зголемува дипломатската офанзива и притисокот врз Скопје и Софија да најдат заедничко решение, така повторно се зголемуваат и надежите за отворање на европската врата за земјата.
Вицепремиерот Димитров за телевизија 24 вели дека времето за договор со Софија е кратко и затоа не се исклучува и јануари како опција за датум за преговори.
- Словенија е земја која што има стратешки интерес, да го мрдне регионот кон Европската Унија. Потоа презема Франција, во текот на француското претседателство има и претседателски избори, на пролет во Париз, меѓутоа ако преференцата е декември, од неколку главни градови во Европа слушам дека и јануари сепак останува како можност да се успее, што ни дава можеби малку повеќе време, иако мислам дека треба да ни биде фокусот на декември. - изјави Никола Димитров Вицепремиер за европски прашања.
И лидерот на опозицијата ја повика ЕУ да го исполни ветеното. Мицкоски денеска порача дека во преговорите со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати ништо надвор од Резолуцијата усвоена во Законодавниот Дом и во исто време побара ЕУ да се одваажи и да даде датум за Македонија , без да бара нови отстапки од македонскиот народ.
- Процесот на преговори е долг, во рамките на тој процес можеме да ги преговараме и нивелираме сите разлики кои што ги имаме ние со нашиот источен сосед. Но веднаш треба Европа да се одважи и да му даде признание на овој народ и да почнеме преговори со Европската унија. - изјави Христијан Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ.
Шефот на дипломатијата Османи вчера ја заврши дводневната посета на Брисел, а пораки испрати и Европската Комисија дека заедно со словенечкото претседателство интензивно работат преговорите да започнат до крајот на годината.
Утре во Македонија пристигнува и министерот за европски и меѓународни работи на Австрија - фокусот ќе биде Европскиот Самит во декември, а средби ќе има со целиот државен врв.