Димитров во Белград на „Отворен Балкан“, фокусот на дигиталната трансформација за регионална интеграција
Foto

Димитров во Белград на „Отворен Балкан“, фокусот на дигиталната трансформација за регионална интеграција

Поттикнувањето на регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“ продолжува на работен состанок денеска во Белград, на којшто во име на Владата на Република Северна Македонија учествува вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров. 

Димитров вчера при пристигнувањето во Белград рече дека регионалната соработка има исклучителна важност за остварување на заедничките стратешки определби на кои Владата е посветена без оглед на политичката ситуација, а потврда за тоа е и неговото учество на овој состанок. 

– Јас пред сѐ доаѓам со порака дека регионалната соработка е апсолутно европска приказна, дека сакаме да продолжиме да ја продлабочуваме. Додаваме еден важен сегмент утре – како дигитализацијата може да ни помогне за да ја забрзаме и продлабочиме регионалната соработка, изјави вчера Димитров при пристигнувањето во Белград. 

Доаѓам во момент, додаде Димитров, кога како што знаете, во нашата Македонија, во Северна Македонија завршија локални избори, има извесни политички предизвици, а и политичка криза на некој начин.

– Важно е да дадеме сигнал дека како Влада, како држава, сме целосно посветени на оваа иницијатива што се роди на Балканот и чија што цел првенствено е европски Балкан, истакна Димитров.

Како што соопшти СЕП, предвидени се лидерски средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, како и со претставници на компаниите од трите земји кои учествуваат во оваа платформа за унапредување на регионалната соработка во контекст на европската интеграција. 

Агендата за работниот состанок што се организира во соработка со Атлантскиот совет, опфаќа панел дискусија на тема „Дигиталната трансформација како подадена рака за регионална интеграција“ на која ќе бидат усвоени заклучоци, по што ќе биде одржана и прес–конференција. 

Воедно, предвидени се лидерски средби и средби со претставници на компании од Северна Македонија, Албанија и Србија на кои што ќе биде разговарано за олеснување на трговијата.

Прес-конференцијата ќе се одржи во 11:30 часот и биде пренесувана во живо на линкот: www.tanjug.rs. 

Што е „Отворен Балкан“?

Иницијативата за регионална соработка „Отворен Балкан“, која ги опфаќа Србија, Северна Македонија и Албанија, ја покренаа претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија Зоран Заев и премиерот на Албанија Еди Рама во октомври 2019 година под таканареченото име „Мини Шенген“.

Иницијативата предвидува слобода на движењето на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу трите земји.

Во јули годинава, на Форумот за регионална економска соработка во Скопје, иницијативата беше преименувана во „Отворен Балкан“.

Албанскиот премиер Еди Рама тогаш изјави дека лидерите и народите од регионот одлучиле да не чекаат интеграцијата на регионот да зависи од ЕУ. -Она што ќе го правиме утре во Европската унија, ќе почнеме да го правиме денес и овде во регионот, кажа Рама.

Македонскиот премиер Зоран Заев тогаш во Скопје изјави дека економската соработка и слободата на движење на луѓе и стоки се единствената шанса за иднината на регионот. -Ова е силна волја и определба за добробит на нашите народи, за поврзување и развој на нашите економии, кажа Заев.

На презентација на иницијативата во октомври 2019 година, во Нови Сад, претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека „балканските народи мора да ја земат судбината во свои раце“. -Ако се оддалечиме, нема да направиме ништо. Се надевам дека на никој во Европа ова нема да му пречи, кажа Вучиќ.

Од досегашните средби постигнати се следните договори:

– Воведено е слободно движење на граѓаните со лична карта меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија.

– Потпишан е договор за соработка во превенција и отстранување на последиците од елементарни непогоди.

– Потпишани се договори за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан, како и Меморандум за разбирање и соработка за слободен пристап до пазарот на трудот.

– Договорено е граничните контроли меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија да бидат укинати од 1 јануари 2023 година.

– Се планира и постепено создавање на заеднички пазар за 12 милиони луѓе, колку што жители имаат овие три земји заедно, односно создавање на „единствена економска зона“

0 Коментари

Остави коментари