Димитров: Никој не може да го спори правото на самоопределување
Опозицијата бара лидерска средба за отворените прашања кои земјава ги има со Бугарија. Лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски се надева дека официјална Софија нема да биде пречка за евроинтегративните процеси на земјава откако деновиве се поактуелни стануваат прашањата за кои историчарите од мешовитата комисија на двете земји не можат да најдат заедничко прифатливо решение.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров пак е дециден и согласен дека прифаќа да нема меѓувладина конференција ако цената која треба да ја плати земјава е македонскиот јазик. Со порака и до ЕУ дека ниту една земја нема право да се меша во внатрешните работи на друга и во самоопределувањето на еден народ, јазик и идентитет.
Во изминатите два дена во Скопје првите луѓе на мешовитата историска и образовна комисија копретседателите Ѓеоргиев и Димитров не успејаа повторно во разговорите да постигнат согласност околу клучните историски прашања меѓу кои ликот и делото на Гоце Делчев, а за јазикот воопшто и не се дискутирало.
По завршувањето на овие средби и двајцата излегоа со изјава за медиумите дека и натаму ќе преговараат и дека имало само мали поместувања во позициите за други прашања.