Димитров: Нашиот случај е тест за Унијата - дали ние на Западен Балкан ќе можеме да и веруваме на ЕУ
Foto

Димитров: Нашиот случај е тест за Унијата - дали ние на Западен Балкан ќе можеме да и веруваме на ЕУ

Нашиот случај е тест за Европската Унија дали ние во регионот на Западен Балкан ќе можеме да и веруваме на ЕУ и дали ветувањето за европската перспектива на регионот, дадено во Солун во 2003 година и повторено во Софија во мај 2018, се уште важи. Ние имавме безусловна политичка одлука од март минатата година од сите земји-членки дека треба да ги почнеме преговорите за членство, но ова се уште не е реалност.

Ова денеска го истака вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на панелот насловен „Остварување на долгоочекуваното ветување“ во рамки на Делфи економскиот форум во Атина, на кој учествуваше и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

За Димитров, прашањето за спојување или раздвојување на Северна Македонија и на Албанија на некој начин е погрешно.

-Мислам дека огромно мнозинство од земјите-членки се за одржување на две меѓувладини конференции со нас и со Тирана, ова е заедничка цел, ова е нешто за кое работиме. Двете земји исполнија се што беше наложено, процесот на пристапување треба да се заснова на постигнувања, и мислам дека е крајно време да почнат пристапните преговори. Ние сме земја која најдолго чека. Ја потпишавме Спогодбата за стабилизација и асоцијација по Словенија, пред Хрватска, двете земји се земји-членки подолго време, ние сме земја кандидат 16 години, Албанија шест години и имавме многу негативни преседани во нашата европска сага, истакна Димитров.

На прашањето на новинарот на панелот дали е можно решение во наредните неколку месеци со Бугарија и што досега македонската Влада има направено и планира да направи за да ги зголеми шансите за договор, и дали решението е само до Софија, Димитров вели дека ова во моментов е клучно прашање.

-Овој пат влогот е голем и станува невозможно да се одржиме и да продолжиме да зборуваме за европската перспектива за граѓаните на С Македонија, влогот е голем и за Европската Унија бидејќи ветувањето е тука и ако ветувањата не се исполнат тоа испраќа многу негативна порака. Најголемиот влог е до нас, бидејќи ние сакаме да го почнеме европскиот пат. Но влогот е голем и за Бугарија и за пријателството меѓу двете земји. Ќе биде приодно за нашите соседи, кои се и членки на ЕУ да имаат најголем интерес од европска С Македонија, од успешна приказна во нивното соседство и сметам дека од оваа перспектива треба да пристапиме и да го ревитализираме ангажманот со Софија, рече Димитров.

Според Димитров, иако сега таму има техничка Влада, нови избори на 11 јули, но и претседателски избори наесен, како и избори во разни земји членки, не треба да се изгуби моментумот и да се чека.

-Мислам дека после сето ова немаме луксуз да кажеме дека ќе чекаме. Треба да се обидеме да го зграпчиме, моментот, да најдеме начин да ги надминеме пречките, и јас ова го гледам како „вин-вин-вин“, или „луз-луз-луз“, сценарио. Немаме сценарио каде Бугарија ќе добие, а ние ќе изгубиме, или и двете сме добитнички, или двете губитнички. И Европската Унија е во истата кошница со нас. Се обидовме со еврокомесарот Вархеји, претходно со германското претседателство, сега е португалското претседателство, и сметам дека имаме можност да го вратиме моментумот на европската идеја на Балканот и не смееме да го изгубиме тој моментум, истакна Димитров.

0 Коментари

Остави коментари