Димитриевски за БНТ1: Гоце Делчев е синонимот на македонската борба
Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во емисијата „Говори сега“ на бугарската национална телевизија БНТ1 во Софија рече дека стигнал во Бугарија поради тоа што не навредувал полицајци, не бил агресивен и се однесувал културно и европејски.
„Секогаш ги слушаме изјавите на политичарите и велат сакаме да врвиме напред, всушност тие се главната причина зошто одиме назад. И секогаш пред избори, во предизборниот период особено тука во Бугарија името на Гоце Делчев и односите помеѓу Македонија и Бугарија се користат во предизборна кампања, се собираат политички поени. А, дали сакаме да одиме напред, да секако. Гоце Делчев е симболот на македонизмот, Гоце Делчев е Македонија и Македонија е Гоце Делчев. Ние го почитуваме и сакаме и тоа во секој кабинет во Македонија. Јас го почитувам ставот на господин Христов, но Гоце Делчев кажува за самиот себе што е и каков е“, изјави Димитриевски.
Во емисијата, тој информираше дека за положување на цвеќе во Скопје чекал два часа, бил најавен во делегацијата и чекал затоа што такви биле мерките за безбедност.
„Ние сме Македонци, вие сте Бугари. Ве сакаме и ве почитуваме, сакајте не такви какви што сме, затоа што на друг начин никогаш нема да се разбереме. Гоце Делчев е синонимот на македонската борба, еден од современите македонски преродбеници. На крајот, каде почива? Во Скопје, тоа му била последната желба. Зошто не го решила бугарската држава повеќе од 40 години да го стави во саркофаг да го закопа некаде во Бугарија, бидејќи сакал да почива во независна Македонија“, рече Димитриевски.