Димитриевски во СТУДИО 10: По социјалните политики сум левичар, по националните сум десничар
По социјалните политики сум левичар, по националните сум десничар. Не може да дојде некој од страна и да ве негира. За секоја педа од оваа земја е платено со крв. Треба да сме доволно свесни и зрели сами да си ја водиме државата. Несреиозно е сериозните пораки да ни ги испраќаат странските амбасади, вели Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово во емисијата СТУДИО 10 на ТВ24.
-Не може да доаѓаат бугарски пратеници во Македонија и да велат дека Бугарија е од Црно Море до Орхид. Добро е што претседателот Пендаровски реагираше на тоа и за мене овој Пендаровски е прифатлив. Но, не е прифатлив оној Пендаровски кој учествувал во оформувањето на францускиот предлог, вели Димитриевски оценувајќи дека тоа дел од недозреана политичка елита.
Според Димитриевски не е исправно некои себеси да се нарекуваат проевропски и да ја негираат европската патека на другите. -Зарем јас не сум за Европа? Мој концепт е Европа, но да влеземе таму како достоинствени луѓе, како Македонци, вели тој.
-Јас сум искрено загрижен кога двајца луѓе кои ја водат државата, Ковачевски и Ахмети, ќе осудуваат медиуми. Политиката мора да ги тргне рацете од медиумите. Мора да се најде нов начин на финансисрање на медиумите за тие да бидат независни, вели Димитриевски.