Димитриевски во СТУДИО 10: Кај нас се лажира демократија - се контролира гласачот, а се практикува кога двајца полуписмени ќе кренат рака
Јас сум со граѓаните, некои од нив се поафирмирани во јавноста некои не се. Наша цел е да ги обединиме прво Македонците па и сите, а политичарите да сфатат дека кога ќе бидат избрани тие стануваат слуги на народот, а не обратно, вели Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово во емисијата СТУДИО 10 на ТВ24.
-Стана тренд во Македонија ако сте против власта тогаш сигурно сте со Русија. Сите сакаат да бидат со САД. А каде се поддржувачите на Македонија? Време е да ставиме крај на ваквото однесување. Политиката е преземање одговорност за големи одлуки, а не привилегија. Ако продолжи трендот да си заминуваат граѓаните, ние ќе останеме без луѓе. Никој не може да го промени фактот дека сме Македонци, ама можеме самите да се избришеме ако си заминеме. Колку политичари има кои живеат на грбот на граѓаните? Ние сакаме да го смениме тоа, вели Димитриевски од граѓанското движење „За нашите граѓани“.
Димитриевски вели дека неговата позиција е против затворено општество и за него важи дека нема правда нема мир. Таа претходна власт ја сменивме, но со новата власт нема некои промени, додава тој.
Кај нас се лажира демократија - се контролира гласачот, а се практикува кога двајца полуписмени ќе кренат рака и ќе надгласаат еден академик, вели Димитриевски.
-Ахмети прво зеде пушка, па се легализираа, па влегоа во власта, па ја презедоа власта, сега го преземаат судството. Кај нас владее лојализам, тие што се лојални напредуваат сеедно што не се способни. Но, во Македонија има квалитет само треба да му се даде шанса, вели Димитриевски и додава дека на Македонија и треба филтрација на кадрите.
Тој додава дека дури потоа можеме да се посветиме сериозно на образованието, да ги оспособиме луѓето за работа за да се развиеме самите себеси. Димитриевски го посочува примерот со Израел и продуктивноста на работниците таму додавајќи дека кај нас нема таква продуктивност.
Димитриевски вели дека неодржливо е средствата од граѓаните да се трошат за одредена група граѓани кои се редовни корисници на социјални давања. Според него, не е коректно двајца луѓе да седат дома, да земаат социјална помош од 12.000 денари и да не работат ништо, па затоа треба да бидат социјално одговорни и да возвратат на државата со општествено полезна работа.