Димитриеска-Кочоска: Се движиме по добра траекторија - инвестициите се клучни за економскиот развој
Инвестицискиот циклус што го имаме во изминатиот период треба да го зачуваме. Во 10 последователни квартали во континуитет имаме стапка на раст од 3 и над три проценти, а во последниот квартал стапка на раст од 4,3 отсто. Тоа покажува дека се движиме по една добра траекторија - истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на панел-дискусијата „Од притисокот во еврозоната до фискална отпорност: Буџетски приоритети, реалности во приватниот сектор и регионални лекции“ во рамките на регионалната конференција „Охрид 2026“.
Димитриеска-Кочоска потенцира дека поддршката на инвестицискиот циклус оди заедно со спроведувањето една постепена фискална консолидациј, која треба да биде приоритет. - Прашањето е дали треба да се стремите кон тоа да имате буџетски дефицит колку што сте предвиделе. Дали е можеби потребно и мало изместување во однос на тоа што сте го проектирале во насока на тоа да дадете поддршка на оној инвестициски циклус што трае во еден подолг временски период. И тоа беше еден од најголемите предизвици што го имавме како Министерство за финансии при подготовка на последниот ребаланс на буџетот. Нашата одлука секако беше дека ќе балансираме. Од една страна, дефинитивно, ќе поместиме дел од буџетскиот дефицит во нагорна линија притоа имајќи предвид дека најголем дел од тој дефицит ќе оди кон финансирање проекти, кои ќе додадат дополнителна вредност за економијата, но во исто време внимателно ќе работиме и на приходната страна, затоа што не е фискалната консолидација само фокус на расходната - рече министерката.
Таа потсети дека Македонија е една од земјите што имаше оромен буџетски дефицит во 2020 година, меѓутоа во 2021 не успеа да го консолидира дефицитот и за сметка на тоа фискалната консолидација се одвива побавно. Исто така, влијание на спроведување на овој процес има и исплатата на расходи, кои произлегуваат од стекнати законски права, а кои во минатото ги немало во буџетот.
- Приоритет мора да има фискалната консолидација затоа што тоа на крајот ќе има влијание и врз кредитниот рејтинг, ќе има влијание во иднина и на каматните стапки. Што значи тоа треба да биде приоритет, но не по секоја цена за колкав временски период ќе го оствариме. Не треба да брзаме во остварување на фискалната консолидација - буџетски дефицит под 3 % и јавен долг под 60 %, а на штета на тоа да направиме нарушување кај инвестициите - потенцира министерката за финансии.

