ДИК официјално ја прогласи победата на Стево Пендаровски – врачено уверение за нов претседател на државата
„Стево Пендаровски и официјално стана петтиот претеседател на државата, а прв на Република Северна Македонија. Државната изборна комисија денес на пладне му го врачи уверението, со кое Пендаровски од утре се сели во вилата на Водно“.
Уверението за нов претседател Пендаровски го доби од првиот човек на ДИК, Деркоски. Рече дека е посебно горд што за првпат по 25 години докажавме дека можеме да организираме европски избори. Доказ за тоа е дека сите учесници во изборниот процес ги признаа резултатите од гласањето, а добивме и позитивна оценка од меѓународната заедница.
„И за прв пат од 90-тите години навака сите учесници го признаа озборниот резултат. Што фала богу се случува после 25 години во државава и е исклучително добра препорака за нас како држава што можеме во пресрет на јунскиот самит на Европската унија да кажеме дека и во овој дел изработивме како што треба за една држава која сака да почне преговори со ЕУ.“ - изјави Пендаровски.
На вработените во Кабинетот им порача да не се плашат, политички реваншизам нема да има. Најави дека откако ќе го екипира тимот, во најбрз можен рок планира да ги потпише непотпишани закони од Иванов.
Новиот претседател вети дека ќе се зафати со реформа на разузнавачките служби, особено во делот на Агенцијата за разузнавање. Порача дека во неговиот Кабинет, во Агенцијата за разузнавање и во АРМ нема да има место за оние кои се огрешиле пред законот.
„Сите оние кои што се огрешиле пред законот, почитувајќи ја презумцијата на невиност, не можат да работат ниту во Кабинетот на претседателот, ниту во Агенцијата ниту во АРМ. Мислам дека четворица вработени од таа институција се во рани фази на истрага или предистражна постапка, меѓутоа тоа не е моја работа да коментирам.“ - изјави Пендаровски.
Претходно ДИК ги објави конечните резултати од претседателските избори. Утврди дека Пендаровски е избран за претседател и ги прогласи изборите за завршени. Пендаровски освои 435.656 гласа или над 58.000 гласови повеќе од Силјановска – Давкова.
Пендаровски утре напладне ќе даде свечена изјава во Собранието, а потоа ќе замине во претседателската вила на Водно каде ќе се сретне со Иванов каде ќе се изврши примопредавањето на функцијата.